Што е потребно да се основа бизнис?

29 Nov 2024

a person sitting at a table with a laptop

Најпрво, почнувањето на секој бизнис, доаѓа од бизнис идеја. Без разлика дали идејата која сакате да ја реализирате е ваша лична, на пријател или бизнис идејата е ископирана или купена од луѓе кои се занимаваат со бизнис идеји, не прави некоја голема разлика.


Самата бизнис идеја и претприемачот поминуваат низ неколку фази. 


Самото обмислување на идејата, нејзината разработка, па макар и само во сопствената глава е напорен процес, бидејќи мора да се внимава на сите елементи од бизнисот. Сепак, можеме да заклучиме дека ниту еден бизнис не може да се започне без БИЗНИС ПЛАН


Бизнис планот е алатка водич за претприемачот, најчесто во пишана форма во кој се прави

опишување на самиот бизнис, начинот на кој истиот ќе функционира, која е таргет групата на која ќе се нудат производите или услугите, која потреба ќе се задоволи, како ќе се постигне посакуваната цел и едно од најважните прашања за бизнисот, како ќе се обезбеди финансирањето на соодветниот бизнис.


Бизнис планот има двојна улога, односно е наменет за употреба внатре во компанијата – за вработените, основачот, менаџерскиот тим, да биде водич за деловните и работните активности кои ги преземаат, но и надвор од компанијата – за потенцијалните инвеститори, бизнис ангели, инвестициски фондови, банки, но и за нашите надворешни соработници, да можат да ја сфатат нашата цел и што бараме од нив.


Постојат повеќе типови на бизнис планови, од кои што зависи форматот, содржината и должината на самиот бизнис план, но сепак тие имаат заеднички основни составни елементи.


Главни составни елементи на еден бизнис план се:

  1. Извршно резиме – во самото извршно резиме се пишува потребата која се задоволува на пазарот, опис за бизнисот и неговото функционирање, преноста пред конкуренцијата, вработените и тимот кој ќе ја води компанијата, кои категории на потрошувачи на пазарот ќе бидат наша цел, што ни е потребно за да се реализира бизнис идејата и кратка финансиска проекција на приходите и расходите.
  2. Бизнис идеја – во овој дел се објаснува самата бизнис идеја, начинот на кој таа ќе ги задоволува потребите, исплатливоста од извршувањето на самата и слично.
  3. Менаџерски тим – овде се прецизираат деталите за лицата кои ќе го водат бизнисот, нивното искуство, способности, знаења, умеења и вештини.
  4. Структура на компанијата – кои се основачи и сопственици на компанијата, дали имаме одредени лиценци, концесии, патенти и слично кои се потребни за работењето.
  5. Анализа на индустријата – овде се анализираат нашите конкуренти, какво е движењто во индустријата, потребите на бизнисите и лицата кои оперираат во нашата индустрија, кои се целните групи .
  6. Маркетинг план – како што кажува самиот назив, во овој дел детално се обработува маркетинг стратегијата, ценовната политика, начинот на информирање на потенцијалната публика.
  7. Оперативен план – е водич за работењето на компанијата. Како ќе се изработуваат производите, од каде ќе се набавуваат суровините, потребниот кадар за работа, со кои компании ќе се соработува како добавувачи, кои се нашите пост-продажни активности за гаранција, квалитетот на производите.
  8. Финансиски план – она што можеби е најзанемарено е колку финансии ни се потребни да бизнис идејата профункционира во реалноста, структура на приходите – односно каде и колку ќе се продава и ќе се добива приход, секако треба да се смета и на расходите односно трошоците за изработка, дистрибуција на соодвениот производ и слично.
  9. Анализа на ризиците – кога ќе се каже анализа на ризиците, најголем дел од луѓето веднаш ги асоцира на SWOT методата. Иако е еден од користените методи, SWOT анализата не е единствениот метод за анализа на ризиците од оперативна, финансиска, менаџерска и останата природа.


На крај, мора да заклучиме дека ова е сепак еден генерален водич за изготвување на бизнис план. За повеќето од нештата основачите и сопствениците се способни сами да ги изготват но посебно за финансискиот и делот со ризици најголемиот од нив користат стручна помош, што е нормално за лица кои не се запознаени со функционирање на бизнис. 


Моментот на регистрација на бизнисот е една формалност која претходно треба да ги помине сите горенаведени фази и да се обезбедат финансии за нејзино остварување.


За да се заокружи целосното претставување на бизнис планот, потребно е да има и соодветно изготвена презентација пред потенцијалните инвеститори кои доколку инвестираат од сопствените средства бараат логични и прецизни објаснувања за бизнисот.


Спремете се за незгодни прашања од инвеститорите доколку сакате да го финансираат вашиот бизнис. 

logo

Консултирај.ме е единствената дигитална платформа каде можете да дојдете до одговорите на вашите прашања за вашиот постоечки или иден бизнис. Закажете термин од експерт во само еден клик.